Кажуваше Филозофот собитија чудесни уште многу, а јас го слушав со уста подзината, со очи ококорени, со душа возљубена по ука; говореше дека таа топлина и самиот веќе може да ја почувствува, иако не толку јасно како слепецот од Кападокија; говореше дека огнот е праизвор на писмото, како што сонцето е извор на денот, исток негов; говореше дека огнот е и утока на писмото, крај негов, оти секое писмо во оган се претвора; книгите горат затоа што во нив има букви, и топлина огромна; оти не можеш да запалиш нешто во што топлина веќе нема, како што е тоа со каменот или водата; затоа што е потешко да запалиш камен одошто дрво и хартија; но и каменот, велеше може да согори ако на него се забележи писмо топло, и доказ за тоа се ѕвездите опашести; говореше дека сѐ на овој свет е писмо, дека целиот свет е книга; говореше чудесни нешта а јас го слушав и толку се занесов што не забележав кога вратата се отвори и влезе отец Стефан Лествичник.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Се зборува дека меѓу тие редови имало букви, ама не грчки, туку кирилски кои за време на диктатурата на Метскас во 1936 година дошле луѓе од југот и ги изделкале со казма.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)