Молчеа сите занесени во работата сѐ додека едно време Танас, синот на Бошка Манев и татко му на Мартина, не се исправи.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Ти ги љубам градите кротки на кои лежи студена жолтата каверна на ноќта да ти ги покренам двете гранки безлисни Слези подлабоко од тревите под нас е сѐ жолто Се нуркаме во заедничките длабочини по смислата на оваа долга ноќ што нѐ соединува во нашата брза љубов Што сме ние двајцата што крадеме од тишината кога молчат сите прозорци жолти Дали да се вратиме во нив како сомнамбули со парче смисла во очите Или да се препуштиме затворени во ова длабоко нуркање сред ноќта што нѐ открива со една утеха за сите мртви шумови што молчат од прозорците над тревите жолти
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)