Сето тоа во душата на човека налева радосни чувства, но тишината, ох, таа, дебела и напластена, без луѓе, без овчарски свирки и довикувања во гората, без момински одзив преку песни и смеа од градините, од бунарите и чешмите, без думани прав од гојда кои се враќаат од паша по Голем Пат, разбудува помисла за тоа колку многу човек е поводлив, кревок и неотпорен спрема сè она, убаво, што се случува надвор од него, во природата, додека останува беспомошен да влијае на својот сопствен живот - не успева, или не му е дадено, или не му даваат, само да го одреди неговиот ток, па се џари во празно со насолзени очи низ самракот, и му се причинува дека тука некаде, над него и околу него, во воздухот, притаено чукаат срцата на отидените ближни, на самовилите, на легендите и преданијата, на војните и војводите, срцето на животот што беше, што се закоренил некогаш одамна тука и се ископачи, па му иде да отрча на Молитвена Вода, да се плесне пред кладенецот и да нададе глас, не против непревдите што му се сторени лично нему, туку против неправдите што му се сторени и што му се прават воопшто на животот... ...
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Тогаш, до пред десетина и повеќе години, во лето, и додека сè уште не беа раштркани по градиштата и низ светот, жителите на Потковицата излегуваа да спијат надвор, во дворовите, под отворено небо.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Сите внимателно слушаат што зборува Максим Акиноски но никој не може да се досети дали Максим мисли дека е добро што не знаат што сториле Хаџи Ташку и дружината или, пак, нив, жителите на Потковицата, ги наговара, ако Хаџи Ташку и дружината не знаат што сториле, тие да нададат глас дека Хаџи Ташку и дружината го убиле стрика Ангела Јанчески.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Но кога пропеале трети петли и ко почнало да се разденува а Бошета уште го немало да се врати, стрико Никола сиот се вомјазил да не му се сторило ништо лошо и заедно со стрина Николица и со Атанаса ги разбудиле сите домашни и сите зедно, со запалени вивки и гламни, истрчале на срецело и надале гласови, троа навистински троа од навал, за сите да чујат каква нова несреќа ги снашла и да тргнат да го бараат Бошета.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)