И кога веќе сѐ ќе стане заборав, пепел во човечка черупка во која во исто време се населуваат нови чуда, ќе остане само сеќавање за писмото на Рубина Фаин и прашање какво било и какво е, ако е сѐ уште живо, она јапонско дрво кое е и пак не е тајна за денешниот човек.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Ветровите што со тебе ноќевале излетаа ко црвени пеперуги Патува сега таа румена шума таа добра сенка на твојата смиреност таа ведра чадовина О ружо на пладнето дали тоа во нас се населува нова вртоглавица Во белиот камен покрај патот израснува еден румен знак Твојот цут во каменот се враќа Дали е тоа предзнак и за нас што дојдовме многу од далеку во тихиот предел на спомените.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)