Всушност, ако се суди според доказите што ги разгледавме досега, денешните геј-мажи се склони да го третираат бродвејскиот мјузикл – или да ги третираат Џуди Гарланд, Барбара Стрејсенд или великата опера, односно кој и да е друг културен артефакт што наводно кодира слични облици на архаичен машки геј-сентимент – со фобично отфрлање, одбегнување и одбивање.122 Како и Д. А. Милеровиот учтив, но бојазлив љубовен објект, геј-мажите се гордеат со својот левтерен и опуштен презир кон таквите артефакти и уживаат во општественото и во еротското признание што им се укажува кога ќе се оградат од нив, држејќи си се понастрана од нив, и кога одрекуваат секаква можна подложност на нив.
„Како да се биде геј“
од Дејвид Халперин
(2019)