Се позами, се позачешла — колку да му помине апешот во главата — и си ја зеде торбичката велејќи си сам за себе: — Требе порано да се оди, оти литургијата трае два саати (ако не ги прескокне половината молитви, што си имаше обичај), утреното еден, а после . . . ете има три четири кршчења, секое по черек саат, некој и друг парастас .. . денеска ќе се има баја работичка, — и пак си промрмори, навраќајќи долу Катината улица: — Нека даде господ, нека даде: кршчење, венчање, венчање, па и умирање!
               
             
           
            
            
              „Крпен живот“
               од Стале Попов 
              (1953)