Дека, ако се таи и расте како меур, таа умее и да преоѓа, и натаму да ги бара сите свои права. Не мораше таа само да разболува.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Рибино око
немам око да те видам
имам да те гледам
на свој начин, во свое време
никогаш да не ти се нагледам
од овие сфери, од овие длабини
да те изобличам
да те преобразам
на очите да не си веруваш
така исто сум гледала и молчела
молчела, значи гледала
пред да ме крстиш риба
псариа, fish, poisson,
пред да ми ја откриеш смислата
и од мене да направиш соѕвездие,
знак, уметничко дело
пред да ме уловиш и од себе да создадеш Риболовец
а од мене добар пазар,
специјалитети
пред да ми ги дознаеш употребните вредности
- мои и на моето око, метафизиката
пред да измислиш мамки, глисти, црвци
јадици, со еден збор
јас се фаќам за јадицата
а моето око сѐ гледа и сѐ знае
но таи и разобликува.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)