И можеби како и гревот и среќата, така и омразата постои само во очите на оној кој ја забележува, и на оној кој врз себе ја чувствува – инаку тоа се само постапки, обични постапки и ништо друго, обични постапки, а сепак фрлаат отров во животот на оние кои ја трпат омразата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Понекогаш се обидував да ја разгатнам омразата на мојата мајка, јас, која бев можеби нешто како дупка во која може да се фрли сопственото црнило, и помислував дека таа во мене го мразеше мојот татко, својот стар сопруг, постар и од нејзиниот татко, можеби со омразата кон мене го гаснеше својот копнеж да има маж на своја возраст уште пред тој копнеж да се распламти, можеби ме мразеше не самата таа туку онаа нејзина дамнешна болка, родена од присилата предвреме да ги прекине своите девојчински мечтаења, и да му се повинува молчејќум на стариот сопруг, да живее во сиромаштија и во таа беда да раѓа и израснува деца.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Многу години пред да го напише „Мојсеј и монотеизмот”, брат ми со мајчиното млеко ја вцица и горкоста на изгонетите од земја во земја, на проколнатите заради различната религија и различното потекло, на горените на клада заради тоа што оние другите, кои се сметале за правоверни, со векови лажно ги обвинувале дека фрлале отров во бунарите, дека предизвикувале чума, дека правеле договори со ѓаволот; уште со млекото на нашата мајка тој го имаше примено во себе тој горчлив вкус.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Го впивме тоа горчливо искуство на претците со мајчиното млеко, па го заборавивме – сакајќи да ѝ припаѓаме на новата Европа, заборавајќи дека Европа еден ден одново ќе ја сврти кон нас својата крволочна челуст; верувајќи во новата Европа ја заборавивме судбината на нашите блиски и далечни претци, заборавивме на крвта која им била пиена затоа што биле од инаква крв, ги заборавивме неброените судбини на понижуваните, лажно обвинуваните, прогонетите, мачените, усмртуваните, заборавени и од Бог и од ѓаволот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)