Сите човечки извици на страв и на гнев, онаа животинска гласност пред која и побеснет ѕвер ќе ја свие опашката, се слеале во продолжен крик што го преплавувал боиштето со сила на бескрајна и густа вода под која ќе останат загатливости на човечкото ништење, како и секогаш кога тој човек се борел и колел и бил уништуван заради поголемо парче земја за да гние потоа на најмал простор под крст или под исправен камен со изрезбана чалма на врвот, под чалмата со железо ископана мудрост на Коранот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Завидлив беше Писмородецот, и затоа, во моите сказанија си го претставував отец Пелазгиј како молец, или барем се утешував со помислата дека во некој претходен живот (во тоа чудо, претходен живот, само јас единствен од сите отци верував) засигурно и верно бил молец, оти зависта ваистина е молец: таа, како и несреќната животинка ја јаде рубата во која се родила: зависта го јаде срцето, ја нагризува душата, го сакати телото.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Тој човекоморен виор, сеедно кој од каков сој е, од каква вера и какво потекло, им го пиел мозокот на луѓето и им ги јадел срцата, и никаков господ не можел да создаде поредок во кој ќе се живее и ќе се умира како што му доликува на најумното и најулавото суштество на светот што секогаш се движело по границата на доброто и на злото, ту со ум на една страна ту со срце на друга.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)