Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Од чардакот на нашата стара куќа, која во последните години со жена ми Агна ја услагодивме за живот - го подредивме чардакот, ги сменивме диреците и веќе скапаните штици на подот, ги обновивме искривените рамки на прозорците, ги варосавме бело собите, ги урнавме, со голема тага, гнездата на ластовиците, ставивме тешка спорогоречка печка за топлење зимата, го проветривме тешкиот метален сандак кој го имаше задржано мирисот од пред седумдесет години кога бил донесен од Америка - гледам како се спушта пределот кон долината од чии млаки се креваат пасма пареа кон небото.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)