А ни вистински свештеник немаат жителите на Потковицата; грчки не сакаат, свој немаат, па таа работа, откако го врати бог во Потковицата, ја врши тој, Максим Акиноски - мртвите ги опејува на отворено, на Рамник на Горник на обележаното место за ѕидање црква, на отворено, во дворовите зад авлиите; ги венчава младите, а по куќите, во гостинските одаи, крштева деца.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
1. Преобразби
„Срцето ме влече да ги опеам преобразбите
во други тела“,23 на Ѓаволот конецот
намотан на макара да го замрсувам
јазикот да го вртам вртоглаво
на врвот врв да најдам
во коцката, коцка-бесконечност
во кругот, точка-вселена
за габите легло, да го откријам
-пред да пропеат првите петли-
мистериозниот отпечаток, совршено обол
божјата преса по европските полиња
додека житото живее знак дава
човекот да се прилагоди на чуда
и да мисли низ чудеса
небаре сѐ е
од два краја составено
на два раздвоено, непостојано
хаос и космос секаде и секогаш
отровен и неотровен свет двојници
свет условно отворен
на слобода пуштен
за да биде поблиску до смртта
најаве
одошто теориски.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И додека Максим Акиноски ги врши последните обреди околу закопот, ги опејува гробот и покојникот Сега во век и во вечни векови, најстариот Анѓелов син, Никола Анѓелов Јанчески, кој отсега натаму е и глава на сиот сој Јанчески и клисар, оди од човек на човек и шепотејќи ги кани да повелат да дојдат кај нив дома за како што носи редот да се облажат за душа на стрико Анѓела.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)