Мајка Евгенија ги викна поголемите девојки и тие, заедно со неа без прекин переа, ги бањаа малите, нас нѐ истрижаа до гола кожа, ноќе ги вареа парталите што останаа врз нас.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Пелагија се стаписа на местото, се стаписа од благиот глас на жената и полека, полека, со така да се рече надчовечки напори ја заврте главата и жената влезе во нејзините очи веднаш тука зад вратничката, а со неа и целата градина и куќичката со последното сонце плиснато по белината на ѕидовите, и вратничката се отвора на внатре, насмеаната жена ја влече натаму, ѝ прави пат за да влезат во градината Дојдете, златни, да си поседиме пред мојава врата, со денови, мори златна, да не речам со години, те гледам поминуваш од тука со момичево во рацете и со некоја голема болка во лицето, одамна сакав да те поканам да ми влезиш макар во градината ако не во куќата! и Пелагија нема сили да се спротивстави, таа дозволува мекиот допир на жената да ја води по патчето сѐ до поплочената ширинка пред вратата на куќарката каде што има малечка масичка и неколку столчиња без потпирачки наместени околу масичката и веќе седи на еден од нив, а на другиот до неа малечката Пела, и уште, уловува дека тетката седнува до неа без да престане да зборува Ако си калеша и со црно во срцето, ти си убава, и не знам дали има поубава од тебе, и по лицето ти се познава дека си и добра, твојата појава зрачи добрина! и во исто време претрчува внатре низ отворената врата и мислиш дека оди натаму а таа се враќа со подавалник на кои има чинивчиња со слатко и пресна вода во стаклени чаши Добро ми дојде, златна, во куќава, ајде, касни од слатково, јас самата го имам правено, онде од зад куќи, имам две дуњи, погледни, како сонцето што свети така и тоа свети, како твојата невидлива светлина, златна, како твојата невидлива добрина, златна, а тоа што свети во исто време и боли, мила, твојата невидлива болка, касни, заблажи се, ти ја знам болката, со денови, со недели, со месеци сноваш по уличкиве и бараш брлог оти онаа коруба сега е зграда, ене ја, ги надвишува сите куќи и вие морате да се иставите од таму, е, златна на тетка, не знам зошто, ама моето срце те одбра тебе, така да знаеш, те одбра тебе и оваа топка радост и оваа жолта заштита, вие да ми бидете радост на старост!
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Пеколот секој сам
си го бира !
Ја обзема чувство на изнуденост:
софистицирана уцена
маскирани киднапери
препознатлив
глас.
Депресија: доцна попладне
Наместо топла попладневна
дремка
во неа
без остаток
се влива
тегоба со нагон на повраќање
небаре влегува низ подотворени порти
- дома, а дома
цибрина
треска
изѕемнина.
Има хронична несоница.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И во неделата пред да се пренесат пљачките на Пелагија во подареното одајче, речиси во последните сончеви есенски денови кога зајдисонцата просторот го претвораат во надреален пејсаж, таа го изложи својот живот пред неа без ништо да скрие, го разголи до толку многу што можеше да се чуе како пука голата кожа и шурнуваат безброј бразди крв. Ѝ кажа за силувањето во селото на денот на Богородица, дека едно војниче од мајка родено, не сакал да ја расипе, ама затоа пак добил куршум в чело.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)