си (зам.) - спомнува (гл.)

Тој си спомнува како во едното училиште го уверувале дека тој е Грк, во другото – дека е Бугарин, а тука – дека е Србин.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И до каде што може во времињата да допре со паметењето, тој не си спомнува за ваква страшна и болна, кобна и тажна, ужасна и потресна глетка што сега се распостелува пред неговите очи.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Јани се поднамести, се навали и рече: - Вие, како сакате, ама јас по војната ќе си седнам на сонце пред селската таверна, ракиче, салатче денес, утре винце и печено пиленце и ќе си гледам од далеку, од далеку ќе гледам на планињето, ќе си спомнувам за ноќите неспани и тогаш ќе дремам, мајчината, ќе дремам сѐ додека не ги оддремам сите непреспиени ноќи..., а кога ќе се разбудам, тогаш ќе ве гледам вас, будалаците, како кршите и делкате камен, како градите куќи или палати и тебе како одиш не по свој ум...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Си спомнуваш ли за Ана? - Ана Шепек? - Да, Ана... - Не можам да ѝ ги заборавам колковите и нејзиниот бес.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Си спомнуваат мали лични приказни коишто не се книги.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Си спомнувам како старите пренесувале дека тоа било многу одамна.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Не си спомнувам дали потоа цел еден век си рековме каков било збор.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Добро си спомнувам, за црвените гаќи на Оливера Срезоска се говореше со почит, со општествено, политичко и морално уважените - (Сигурно, такво нешто не може да се замисли за обичните).
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
О, господе, можеби сега тие имаа други имиња, други знаци, можеби тие сега беа Унгарци, Руси, Полјаци, Французи, Чеси, Германци, им го кажувавме прекрасниот сон за родниот крај, каде беше тој, нели си спомнувавте, имаше еден рид, еден рид со сонце изутрина, па потоа една мала рекичка, оттаму реката пак се протегаше шума, една сребрена, една златна шума и небото над неа исто такво, нели...
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
И некои разорувања понекогаш се повторуваат, некои и се потретуваат.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Еднаш во Алепо, си спомнува Отело, убив поради Турчин со турбан, оти овој претепал еден Венецијанец и му ја навредувал државата.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Ние децата си спомнувавме на нашите кози, кога бевме заедно.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ако си спомнувате, малку пред Амстронг да зачекори врз фантазијата на поетите, студентите го тресеа цел свет – од Беркли до Берлин и Париз, та дури и до Белград и Скопје (кај сите Турци таму и малиот Асан, шашардисан како онаа жабата што кинисала по коњот да се потковува).
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Што ме гледаш така? Да. По неколку минути, сето ова ќе биде само една епизода за која веќе по три дена никој нема да си спомнува.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Не бев со нив кога ги собраа и одведоа, затоа и не можам да не се чувствувам виновна за нивната смрт, па иако јас, лично, го избегнав тешкиот прст на судбината поради околности кои не можеа да им наштетат на жртвите", си спомнуваше таа.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Но најубаво од сѐ беше, си спомнуваше Григзби, кога ја уништија фабриката што сѐ уште се обидуваше да подига авиони.“
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Па еднаш си велам: подобро што не знам, што не можам да ја погодам. „Стравот е страшен само за оние што му се плашат“ , си спомнувам на зборовите од Лазора Ночески и се враќам кај Здравко.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- „Не старее само џамот“ , велам, „сѐ друго старее“ , си спомнувам на Лазора Ночески.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)