Дали да те опишам
како патник кој пробива
пат-падина, пат-гибел
чистач на убавини
фокусиран хаос
разјарен чемер
или како
апсолутно его?
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Сликата ти е недофатна
божја, сатанска, бесмртна
бела, охола ало,
лакома суето, Киту
твојата јасна росна јарост
крвавиот рев
вресот на твојата пена
- грбна лавовска локна
зборот може поверно да те опише
од било која икона, лажен идол
-развратен знак на китоловците-
Милосрдна срж, срцевино, божилаку
казни ги поганите: скриј ја вистината
‘рскавицо на покајанието
послушај го умот на бога
Магу, уживач на морски бездна
- утробата на светот
Цицалче големо
лицето исцели си го од длабочини,
Ламјо совршена
прскава, мрсна, врела, отровна...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
II Глувиот ќе те слушне, кога немиот ќе те прослави, а слепиот ќе те опише.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)