Така, уште кога, по големата преселба од западниот брег на крајезерскиот град, запревме крај брегот на оваа брза река, се вселивме во една стара напуштена беговска куќа што ја милуваа сенките на четири мамутски тополи, извишени помеѓу Дрвениот мост и старата Женска гимназија, која подоцна го доби името на Јосип Броз Тито па по последниот катастрофален земјотрес, сета растресена, беше урната иако можеше да биде спасена, и на нејзиното место беше изградено троделно здание, што потсетуваше на пагода, во кое беше сместен Централниот комитет на Комунистичката партија, сѐ до нејзиниот пад.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Во постари времиња и градската населба, како и засебно поставеното еврејско гето, се наоѓала зад ѕидините на венетската тврдина распослана на ридот, но со тек на времето, градот, како и секој жив организам, едностано ги премавнал високите камени огради и се источил кон морскиот брег. Во главата му се појавува сликата на рабинот Елеазар Корео.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
И покрај добрите односи на христијаните и јудејците коишто впрочем со векови живееа заедно на островот, ѕидините остануваа како наследство што потсетува на едно некогаш јасно и цврсто подвојување.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)