А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Ништо особено: проќелаво ситнолико старче, со очила од дебело стакло и без рамки, врзани за ушите со усукано ортомче, со ново забало во устата што севезден нешто како да џвакаше иако беше празна и нема (саказот веќе беше вон мода и вон норми, а гумата за џвакање влегуваше во мода ама не влегуваше низ увоз), со отпуштени дланки и неподвижни прсти, кои ситно но непрекинато се тресеа - небаре над секоја пара, и најситната металка, што паѓаше на тезгата.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)