4. Меѓусвет: габи
Нивните форми ни сраснуваат за погледот
и се огледуваат, привидни призраци, во воздухот:
чадорчиња затворени со сласна слузокожа
во бела мека лека обвивка
памучни жизнерадосни белутраци
млечни фереџиња
повлечени, со тек на време
како лажни ветувања
демодирани манири
на постоење;
дволики појави, многуглави ламји
- сенките предвреме да се насетуваат
со флуид на влекачи и глодари
за да биде кошмарна прошетката
да има наезда на невестулки
да има сѐ на претек:
царски ѓубрарки, сончарки
или „кукмарки“ (име за сѐ!)
галапки, пупавки, млечки, рујни рујници
јајчарки со боја на манго
на папаја, јапонско лале или јаболко
летни вргањи распукани како петици
како суводолица
збувнати небаре херпес по грозница.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Во тој миг сакав да го убијам тој невиден простак; во тој миг ми се згади и од Луција; веќе ништо не сакав, во мене имаше само гнев; тогаш, пред вратата, првпат помислив дека најдобро е да се замонашам, да си ги отсечам на еден симболички начин гениталиите поради кои страдав, да се самокастрирам, да ги оставам сите овие влекачи и инсекти околу мене да се плодат и да се размножуваат до бескрај; своите песни да му ги испејам на Бога, а не на лукава и притворна жена, или на некој дволичен Хор; сепак, чукнав уште еднаш, но тој поворно не одговараше.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)