5. И тие дни во кои сонцето само зборува молчат Ветрот мине по грмушките по лисјето душкајќи Лазачите ги штрека глуварките во пројаснетиот воздух ги развева далеку дури татни Тој гром од човечка рака пред портите на гибелта Гласот на ранетата тишина зборовите ги бара По крвта пребарува по ѕвездената роса што посега Месечината и сонцето го менуваат здивот и издивот на трепетните лисја под времето што протечува со копнежот долг по гнездото на песната што се подава Светлина во очите И чело загледано кон идната виделина на бидноста што ќе огрее по насмевката минејќи на сите уморени што сонуваат во заслонот на неизречените зборови
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
19. Велес, колцето негово Во домот на Рацин А еден ден во нејасата измаглина се подадоа неговите раце од пресушената грутка од изронетата во заборавената темнина Дамнешни кристали растурени по почвата земна Линии складни во воздухот ги обновуваа некогашните форми дури се будеше мемлата од тркалото Со нив почнуваше земјата да се врти околу зборовите изречени во невреме И пладнето повторно ја воспеваше глината што се раѓа во неговите дланки и сите крикови несекнати и дални и кликот небесен и сончевиот оган нараснуваа во благото тесто на ломната материја на надежта Израстуваше од неа зборот во светла преобразба Зрачниот хоризонт пак над чардаците ги прибираше помнењето и смртта со затрчаноста на водите и времето
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)