Трепери пламенчето на свеќата и стоејќи вгледан во рамницата, ми се чини дека допираат до мене бучавата на авионите, тресокот на бомбите и гранатите, свирежот на куршумите, мирисот на напалмот, врисокот на стотиците очајници кои биени од небо и земја, газени и толчени под тенковските гасеници со последната издишка трчаа по оваа последно мало крајче од езерската земја со надеж да се фатат за последната сламка за спас на животот...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Чудовиштето што им го претскажувал Дмитар-Пејко одамна престанало да им ги души наморничавените тилови; му го сечеле на жолтичавиот старец челото, умрел, го запалиле и го закопале, со него во гробот останал и дел од нивниот страв и веќе не се плашеле од сеништа и од иконописечки забести, ноктести, месести и грблести животни, гигантски гасеници со гуштерски нозе и лилјачки крилја, туку се обеспокојувале од можноста да се сретнат на својот пат со живи.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
2 Темни и молчаливи, не само со секири или вили туку некои и со пушки скриени под колите и некои со кубури и јатагани во длабоките појаси, тие дваесет и осуммина продолжиле по покопот да ги влечат чкртавите двоколки по никакви патишта, оние по кои можеле да минат незабележени, и по беспаќа на кои сенките се кинеле со тајна.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)