До ковчегот, водарник со леѓен за миење и казанче за вода обесено над него со мало славинче; стомна, ѓум, матарка што татко му во свое време ја донесе од на фронт, целата исчукана од влечкање по ровови, а потоа и овде од носење по полето и планината; тепсија на која сјајот ѝ потемнал и ги покрил арапските шари на неа; над водарникот обесено парче огледало како месечинана на погибеж, прекриено со прашина и слепо; на спротивниот крај од креветот, ниска, правоаголна печка со четири нозе од кои едната е окуцана и потпрена со тула, со две тркалца на неа, - гусани обрачи што се вадат при готвење, и целата 'рѓосана; на неа оставено газиено кандилце како на гроб; на дрвената кукалка во ќошето обесена гајдата од татко му, провисната со писката и брмчалото надолу, како обесена овца; останата по смртта негова за да му го чува последниот дуеж во неа, неговата душа.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
По добрата вечера и уште подоброто пиење, за кое време Пере постојано ги канеше сватовчините со познатите негови зборови: „Повелете, браќа, како во своја куќа, од своја мака!“ — зетот Крсте ја наду и гајдата од Перета, која секогаш беше готова да проквичи, штом ќе дојдеше некое весело друштво.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)