За евентуалниот недостаток на „вкоренетост овде“ (што можеби ќе го почувствувате), рутински ви се правдаме: нашиот дом под ѕвездите се маргините, т.е. ригите на костимот за капење (што фураат накај хаос, накај непредвидлива сложеност!) на давеникот во примордијалната супа, во млечната каша надробена со ѕвездички од тесто итн - апстрактноста е нашиот дом, така ли, за разлика од концептите за дом на господинот Контра Банда(ш), на пример.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Оној што ѕирка (низ една од дупките избушени скоро како за објективи на камерите) е Дипигус, се разбира.
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Кога останува сам, Сенка, притискајќи едно копче во масата, целиот огромен ѕид отспротива го претвора во големо огледало кое сега ја отсликува целата долга маса со тринаесет столови, и господинот Сенка во центарот, сличен на некој чуден светец, но сепак повеќе, така сокриен од светлината, налик на дамка од разјаденост врз површината на огледалото, или пак како давеник во таа живина локва, „чии испарувања, кога-тогаш, ќе нѐ задушат сите“.
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)