Под тремчето седеа тројцата луѓе како што ги остави дедот Волче, но кога видоа дека преку двор идат три четворица тие станаа од столчињата и едниот тргна преку двор кон овие што идеа, а двајцата го фатија ќошот од Волчевата куќа.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
И огледало веќе не употребуваше при чешлање на косата за да не си го види лицето; па дури и на изворот кога полнеше вода со ѓумовите, не си го загледуваше својот лик во водата; кога врвеше низ манастирскиот двор кон црквата да се моли, минуваше со забрзани чекори за да не се сретне со погледите на манастирските слуги кои зрчеа во неа; и кога ќе минуваше крај чардакот каде што седеа полковниците, ја вртеше главата за да не ги судри очите со нив; но Бонети ја гледаше упорно и пред очите му излегуваше она нејзино прекрасно тело, кое тој во текот на епитимиите што ѝ ги правеше отец Иларион, ѝ го гледаше скришум низ прозорчето поткачен на столче; гледаше како отец Иларион ѝ го покриваше со покривката голото тело допирајќи ја со прстите по меката кожа што во студената ќелија ѝ гореше; го гледаше тоа голо тело, како и возбудата на отец Иларион кој се кршеше во себе и се мачеше да се воздржи, одложувајќи можеби за подоцна, кога ќе ѝ преболи болката, кога ќе се вразуми.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
И пак Бонети кога ќе ја видеше каде што врви низ дворот кон црквата клоцајќи го долгото расо со колениците пред себе, пред очите му излегуваше нејзиното голо тело, кое сега, затворено во црнилото, прета како немирно животинче во кафез и сака сѐ да раскине, да се ослободи.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)