И овците и козите и дворот полн јагниња и јариња; и воловите Баљо и Сивко и кравата Белка и двата коња и мачката и кучето Шарко и крушата до авлијата и бадемите и оревите и костените во Стара Ливада, бавчите, лозјата и благотата во каците и виното во бочките и песните пеени на седенки и ората виени во широки кругови на вигната и тоа беше дома..
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Во дворот полн со цвеќиња тој фрли само брз поглед, иако тие можеа одново да му кажат многу, но околу шадрванот во дворот, еден од најубавите што ги беше видел досега, се бркаа мали Турчиња во провиснати бечви кои постојано си го тргаа учкурот нагоре додека трчаа, та оваа слика ги надвладеа другите и мошне го успокои со ведри ветувања.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)