Додека другите деца кришум ги запушуваа своите први цигари и се собираа со ококорени очи да гледаат голи женски тела низ цепнатинките што ги одвојуваа јавните бањи од останатиот јавен живот на Жешов, неговиот живот се сведуваше на дисциплина, на учење и на почит.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Децата две нејзини и две негови, си намигнуваа; заборавија што учеле до пролетта на училиштето; учителката отиде во некоја бања со сулфурна вода и со по четири кревети и дрвеници во собите, нема кој да им ги извлече ушите на учениците, зреат, смешен им е животот, на едните Марко не им е татко, другите во Јага не гледаат мајка: таткото седи под каца, мајката плаче, децата кришум гледаат, потоа шепотат ноќе и погодуваат како се родиле и како се раѓаат други деца.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)