дикат (имн.) - сака (гл.)

20. Кога ќе загледаш поасолно Од пишаното навистина не се бегало Ни од пишаното ни од суденото А пишано било наместо плач да имам прв сон И судено било сон по сон Да го отсонувам и последниот сон Оставајќи патем неизбришливи траги Во светската историја на сонувањето И крепејќи ја севезден Планетарната борба За неприкосновено право на сонување Уште повеќе борбата За гарантирана слобода на сонувањето Што сега е внесена во Општата повелба На Обединетите нации за слободно и неограничено сонување Од толку силни борби И впрегнување во нив на владини и невладини сонувачи Најнакрај се уморив од толку сонување И си реков доста беше ако е за аир И онака не остана што да се сонува А и нека посонуваат малку помладите генерации Па да видат пршленките Колку дикат сака за едно просечно сонување А не пак за едно асолно сонување Да видат дека во сонувањето нема тате носи мама меси Соновите не паѓаат од ведро небо И сака добро загревање на главата Дури почне да се исцедува еден сосема обичен сон А знаете дека има и недоброј необични сонови Тадури и повеќе необични одошто обични сонови
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)