5.2 Јас не знам да војувам. Јас болувам и самувам И плачам за вас ближни мои И ви велам И си велам: Доаѓа часот да се прочита бескрајноста На морето Да се состават букви од скршените линии На хоризонтот, Да се седне на островот и да се самува Под осамено дрво Што говори со древен јазик.
„Век за самување“
од Веле Смилевски
(2012)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Само едното дрво што нѐ гледа, не се тресе.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Боже пази да гибнеме од дрвата што беа за Коледе пред да дојде времето.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
а надвор веќе почнуваат да паѓаат снегулки, ветрот само ги врти во воздухот, ги пушта и ги втасува, одново ги завраќа назад, си игра шукшуле, што се вели, ги развева како цут од дрвја што се кубат, кој ќе пушти глас, ќе го наполни морето, ни викаат и бродот застанува, а ние молчиме ко глувци во дупка, ги слушаме само чекорите озгора, одат над нас небаре на глава да ни газат, и бродот одново тргна, сега можете и да пеете, ни велат, кај се пеело пикнат в дупка, си велиме, отсекаде бучи клокоти, и гледаме надвор, снегот си навева и се топи, се губи во водата, ако запреме во Костанца, ќе нѐ водат во Букурешт, си велиме и приѕираме во ширината што ни ја затвора снегот, и Костанца ја изминуваме, нѐ водат право за СССР, не ни заспала среќата на сите, вели Апостол Макаровски, сите со нечија среќа се шверцуваме, вели, ќе му украдеме уште некој ден на господ, и почнува некој студ да ни влегува низ процепите од бродот што се отвора однадвор.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)