Ги сакаше Бошко јорганџиите, и стоеше пред нивните дуќани залапано, додека тие го дрндаа памукот пред негови очи, ја сакаше папуџиската чаршија каде што на шега му дозволуваа да обуе лева папуча на десна нога: во кујунџиската чаршија со големи стреи и кепенци, каде што златото и среброто блештеа и го заслепуваа, се смееше будалесто: но најмногу од сѐ го сакаше безистенот, чист и среден, со мириси на ѓулсуи и темјан, каде што по калдрмата пред дуќаните не се растураа распарани опинци, парчина тенеќе или шајки, и каде што можеше да влезе од една врата а да излезе од друга, и пак од таа што излегол да се врати назад.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Но наместо одговор, напаѓа град камења на сите сејмени што беа на портата, па и на самиот буљукбашија. – Внатре, браќа, внатре да го најдеме нашиот душман и да си го земеме нашето – повикаа во еден глас поп Јаков и Димитрија и се џитнаа први кон портата која семејните брзо ја затворија и почнаа со мазгалките на калето да пукаат во купот селани. – Оф, ме изеде кучето краставо – писнаа неколку селани и паднаа на калдрмата поред портата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)