Ти која ги доближуваш
питомите и крволочните животни
од овој свет или од некој друг свет
до Змејот и Кентаурот
или Човекот
и од сите нив правиш
Животинско Царство
правиш исклучок
затоа што
- ништо не е совршено
на банален начин!
Ти која го прелеваш
мртвото во живото
божевото во човечкото
некогашното во сегашното
чедното во блудното
почуј,
совршенството е промислена
дозирана
грешка -
Игро на метафизиката!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)