Еден од мајсторите го зеде јагнето и го завлечка накај темелот: јагнето насетувајќи ја опасноста, почна да блее и да напиња со глава да ја скине врпцата, но мајсторот го зграпчи за половина, го крена и го однесе до темелникот; кога јагнето го виде ножот што го измолкна мајсторот зафати посилно да прета и пожално да блее, да моли за спас; но мајсторот, го притегна поцврсто да не прета и му ја стегна устата; јагнето сега почна со погледот да го моли мајсторот да го пушти, да го ослободи; но мајсторот му ја затегна главата нагоре за да му го зарие ножот; кога виде јагнето дека му нема спас, дека мајсторот нема срце, душа, го погледа со презир, со омраза и смигна да не го види сечилото од ножот што му беше допрено до кожата; првин сети студенило во грлото, налик на допир на мразулец, а потоа силна болка, губење на воздух, на здив, на свест, се стресе, спрета со нозете, за последно сапна, потоа се успокои, како да заспа.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
И сѐ додека раката може да ја држи мистријата и окото да мери со пљумчето и додека животот се реди од сурови, неправедни и алчни луѓе - мајсторите нема лесно никого да пуштат да застане до нив на скелето.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)