Второто, може ли за мала лага да се смета нешто кое во иднина ќе стане голема вистина? – Секако. – Зошто тогаш не земете и Вие малку од својата љубовна напивка, што нам толку несебично ни ја нудите?
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Жабе и натаму џвакаше јатки од млади ореви, гласовито зборуваше дека во светот се вади жива вода на сто метри длабочина, понекогаш и жешка, рацете, вели, да си ги изгориш, а Паско Бачо, како човек кој не чувствува потреба да бара прецизна причина за да каже нешто кое не мора да е во вистинскиот контекст, па уште и со некое спокојство, се сврти кон мене: „И така, Симон“, вели, “во 1956 година, дури се копаше вака каналот за наводнување Камадаречко, беше среда, 21 септември, дванаесет и десет или дванаесет и петнаесет часот, не ме фаќај за зборот...“
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
И само затоа што речиси во истиот час, веднаш штом го пренесле кај делениците Акиноски, Јосиф Акиноски, со усвитен нож му направил операција, му ги извадил куршумите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
И машко и женско, и мало и големо, и христијанско и турско, христијаните крстејќи се и во истото време изговарајќи Господ да го дочува во живот Лазора, а Турците, на чело со Тахир бег Јаузоски, кој и заборави да го прошетува Мурата, Ај анасана, ај џган, уште од раното се купчат на портите, на срецело пред дуќаните Акиноски и на чешмата, на бунарите, во дворот и на чардакот Акиноски и само за тоа зборуваат: минатата сабота токму во време пладнина, нивните мажи, главите на сојовите, се нашле таму во Прилеп, на Али Чаир, за со свои очи да се уверат во силата Лазорова, и за потоа со свои очи да го видат нештото кое тука, на лице место и пред сета насобрана народија, ќе му го прекинеш животот на човекот, а кое не го стори тоа, не го однесе на оној свет, само затоа што е Лазор голем и силен како никој друг на земјава, па ножот и куршумите, кога влегле во месото негово удриле на коските и тука се запреле.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Мојата трета лага, која во иднина ќе стане вистина.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)