Вечерва ќе си ја стоплат душата покрај пламенот од илузии а потем сѐ по старо: полни очи - празни раце, студенило во домот, мразалник во душите - нивните надежи пеплосале под кладите од огревно дрво, станале гареж што им се гнезди и во сонот и во јавето.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Еразмо се кршеше некаде помеѓу желбата за земска храна, за удобност, за сладостраст и среброљубие – содржина на разјарениот бик кој требаше да се гони, да се вглави и здодевните разговори со сопственото живо битие што одвај преживува, полно со животен сјај во очите, со мрачнина и студенило во душата, со поглед насочен кон височините во потрага по вистинската желба за битисување.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Еден од мајсторите го зеде јагнето и го завлечка накај темелот: јагнето насетувајќи ја опасноста, почна да блее и да напиња со глава да ја скине врпцата, но мајсторот го зграпчи за половина, го крена и го однесе до темелникот; кога јагнето го виде ножот што го измолкна мајсторот зафати посилно да прета и пожално да блее, да моли за спас; но мајсторот, го притегна поцврсто да не прета и му ја стегна устата; јагнето сега почна со погледот да го моли мајсторот да го пушти, да го ослободи; но мајсторот му ја затегна главата нагоре за да му го зарие ножот; кога виде јагнето дека му нема спас, дека мајсторот нема срце, душа, го погледа со презир, со омраза и смигна да не го види сечилото од ножот што му беше допрено до кожата; првин сети студенило во грлото, налик на допир на мразулец, а потоа силна болка, губење на воздух, на здив, на свест, се стресе, спрета со нозете, за последно сапна, потоа се успокои, како да заспа.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)