Тоа е сè што може човек да забележи гледајќи ги стеблата.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И станувам свесна дека реченицата ја изговорив природно, не мислејќи, дека мојот теле-мозок почна на сите работи на овој свет да им ја дава истата тежина или леснотија, секому право на истите секунди, секому својот sound-bite, во еден кадар некој ждере хамбургер, во друг некој умира...
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
3. Уште од првото сонување научив Дека доселениците всушност Натрапнички им влегуваат во соништата на староседелците И дека со несечените нокти им ги дупчат на староседелците Мешините полни со резервни соништа Па откако ќе ги обесонеа лесно им ја крадеа земјата И во древната абориџинска црвеница Садеа цели плантажи со нови соништа И тогаш јас разбрав дека има и престорени соништа Престорени и превоспитани соништа Оти првите доселеници беа дојдени по казна Како историска претходница на гулазите Само што нив тука немаше кој да ги тормози И севезден да ги потсетува дека се престапници испратени на издржување на казната Туку баш напротив престапниците почнаа Да ги тормозат староседелците и да им ги дупчат соништата Оттогаш коалите со сите расположиви средства Си ги вардат соништата од натрапници со несечени нокти И си го бранат вековното право На дваесетчасовен сон во едно деноноќие Оттогаш сите ги предупредуваме Да не остават на раат да си го досонуваме сонот И на секој еукалиптус закачуваме парола Кој сонува зло не мисли А се подразбира дека кој многу сонува Кога да е ќе го довстаса јавето И ќе окапе од визити на нервни доктори Па тогаш ќе си ги мериме соништата И ќе ја утврдуваме нивната историска тежина или леснина Тогаш сетики уште ќе има бумеранзи Оти историјата без вратки не ја бидува Што се покажа и во соништата од петокраки Макар што никому се уште не му е јасно Кој и како ќе им ги врати на Абориџините Старите продупчени соништа Оти никој се уште не измислил лепило За продупчени мешини со резерни соништа Штоако сега школски авиончиња Влечат на опашките натписи Sorry како што се влечат реклами за кока кола или нешто такво Sorry sorry ама се знае ли што досега се стори И ако сте љубители на рими знаете ли каков оган гори Во продупчените соништа на староседелците На кои денес лефтерно им велат Sorry Како кога некој не сакајќи да им ги згазнал стопалата Во турканиците пред влезот на Олимпискиот стадион во Сиднеј Или на пазарот близу пристаништето Ако се погодите таму на пазарен ден баш во сабота Како на секој пазар и овде под тезга се продаваат разни нешта Па можете да си купите разни збирки соништа Стари и нови соништа староседелски и дојденски соништа Од такви соништа се учи Дека ако нижиш бисери ќе плачеш Колку повеќе бисери во соништата толку повеќе солзи на јаве Од такви соништа се учи Дека ако најдеш алтани во твоите чевли Ќе отпатуваш надалеку дури до новиот и отаде новиот свет А пак ако таму во новиот ти свет Се бакнуваш на сон со некого уста со уста Ќе те фати ревма а богами и потешки болештини Ако си машко и ако се бакнуваш со машко уста со уста Баш како што се бакнуваше еден од наследниците на Ленин Пу пу скраја да е Џабе ти тогаш и соррѕ и се стори џабе ти и цела сурија нервни доктори.
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Во време кога има толку многу за читање, го губиме нашиот вообичаен поглед развивајќи нова вештина - можеме да ја одмериме содржината на напишан текст според начинот на кој го чувствуваме кога го допираме, според неговата тежина или изглед. (...) Можеби се враќаме назад кон старите системи на комуникација.
„МАРГИНА бр. 1“
(1994)
Но сега Германија беше спроти него и тие двајца, тој и Германија, го држат диференцијалот кренат; треа да го пренесат некаде, но Германија, дали затоа што не може да ја издржи тежината или затоа што така сака,со намера е да го пушти, да го остави Еда сам со таа тежина, иако тој го држи само на едниот крај.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
По смртта на сликарот Столпник, во неговата куќа луѓето ја најдоа последната негова слика: неколку муренкови стебла излезени заедно од земјата од еден ист корен, од едно исто 'ртиште и плодиште; додека излегувале од земјта, си давале сила едно на друго, си помагале, а потоа секое на својата судбина се препуштало: едното: напинајќи и грабајќи ја лакомо височината, се истенчило, се искривило, како змија фатена за опашка; гранките му откажале во овој тежок напор да го следат, и тоа, полека, болно, се превиткува надолу и тоне со главата кон земјата; под вратот има заглавено висока потпирачка со чатал што не му дава да се скрши и струполи на земјата; но сето тоа е така болно и тажно штом тоа самото не може без потпирачка да се додржи; другото: робувајќи им уште од излегувањето од земјата на многуте фиданки што лакомо наудриле од него како човек со многу пород, и грижејќи се за нив да порастат, да се здебелат и рашират, постепено станало нивна жртва; тие, не мислејќи на него, се туркаат меѓу себе, грабаат од просторот, се надвишуваат меѓу себе, не водејќи сметка дека еден ден од тежина или од силен ветар, ќе се струполат заедно со тоа мајчинско стебло што им дало живот и повеќе никогаш не ќе кренат глава: ќе умираат постепено и ќе се сушат на урнатиот стеблак; трето: или по сој или така му бил благословот: кога му дошло време за плодење како господ да му се распашал: преполно е и се крши од плодови; капи благ сок од муренките како на доилка кога ќе ѝ надојде млекото; пониските гранки од тежина се спуштаат до земјата и се потпираат да си го намалат бремето; четврто: уште од раѓањето анемично - и до крајот на животот анемично; што можеле другите да му помогнат, му помогнале долу под земјата во времето на 'ртењето и пуштањето на корења; а згора: секое со својата среќа и судбина живее, како птиците кога ќе пркнат и ќе го напуштат седелото; околу него има мала оградичка од штички што го штити да не се чеша стоката од него или да го гризе; кога еден ден ќе се исуши, ќе остане така заградено со штичките како споменик: ако од него избијат нови фиданки, тоа ќе бидат посмртчиња кои одново ќе започнат борба за живот; петто: препуштено е на судбината и на бога: здраво-прездраво е родено, пркнато над земјата, а веќе едната половина му се суши; стои како човек парализиран на кого само едната половина му е подвижна; прави напор да расте и да ја влече со себе и другата половина што му стои како мртовец врзан за плеќи; најтешко му било првите години додека свикнало на тој напор и на тоа проклетство а сега просто ѝ е препуштено на судбината; она шестото, седмото, осмото, што откако излегле од земјата, помислиле дека сè можат и сè е нивно, живеат двоен живот; двојна среќа имаат: на едни сè им е едно во кој правец ќе се развиваат: нагоре, надолу или настрана; не размислуваат ни како да ја оформат својата крошна за подобро да се заштитат од ветриштата и снеговите; не се грижат и не размислуваат дали некој пред смртта ќе им стави потпирачка под мишките или вратот за да не се струполат притиснати од својата негрижа, или дали по својата смрт ќе остават потомство; се шират и живеат како што милуваат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)