Меѓу првите треба да се однесат: 1/ Македонците со своето обединување за преследување на интересите на својата татковина станаа важен фактор што навидум влезе во сојуз со бугарскиот народ и со сите негови официјални претставници за достигнување навидумни општобугарски интереси во Македонија, а всушност со тоа го направи бугарскиот народ и неговите официјални претставници и установи орудија за свои сопствени чисто македонски цели и интереси; 2/ Македонците од сојузници со Бугарите во решавањето на македонското прашање станаа господари на тој сојуз, во кој Бугарите фатија услужливо, а понекогаш и со горчина во душата да ги исполнуваат барањата на Македонците.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Оттука е јасно оти добро разбраните интереси на Турците и на Македонците им диктираат не да си ги трошат нивните сили во меѓусебна борба во полза на заедничките нивни непријатели, ами да си подадат еден на друг рака и да ги отстранат сите фактори што им пречат во нивните пријателски односи и заеднички интереси.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Она што возбудуваше во целата таа работа (а јас подоцна го најдов во една француска книга на еден познат антрополог, што ја купив во Париз, при едно гостување на циркусот), е што партијата на Луција нѐ врати назад, на едно порано еволутивно општествено скалило: во добата на примитивните, со транс и еуфорија опседнати општества, таканаречени дар-мар општества, каде основни форми на општествената комуникација се маската и трансот; пред тоа живеевме во таканаречено општество со книговодство, во кои мимикријата, маскирањето и занесот исчезнуваат (затоа комунизмот беше помалку жив, одвратно немагичен и црно-бел по однос на општеството што го градеше партијата на Луција) и се повлекуваат пред компромисот меѓу наследството и способноста, кои се два основни фактора што ја определуваат иднината на единката во тие општества.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)