Личеше на девојка, на блудница вавилонска, жешка, оти и бојата ѝ беше таква, жешка, црвена; Филозофот ја допре со врвот на прстот и се насмеа, а Лествичникот ништо не сфаќаше, но јас знаев дека во тој миг Филозофот ја чувствува сета топлина на светлината, жарот на сонцето сето, врелината на плодницата, осилото на пајакот, жарот на најотровниот отров, оти отровот е лут, и гори, и во болка со него се насладуваш; сето тоа го знаев, и знаев дека Филозофот веќе следниот миг ќе помине со прстот по сите букви, од буквата Ж ќе почне, од средето на клопчето, и дека ќе им ја прочита топлината на буквите, бојата нивна, и дека тргнувајќи од средето, најрпвин ќе помине со прстот кон едниот, а потем кон другиот крај на клопчето, и дека потем сосема спокојно, како да не прочитал ништо, ќе се сврти со светлината кон ѕидовите на одајата, како да разгледува храм непознат.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)