Ги нашле, како кажуваше, Ибраим Ибраим, в зори или подоцна, по една спогодба на завојуваните за кус мир за кое време ќе се соберат мртвите и ранетите; подоцна, по некоја година, еден човек без нога, ќе се потпира на патерици и на слеп човек, катадневно да седат обајцата во чајџилницата на некој Тефик Рамо, човек со задув и срдечен кон секој кој што, дури и првпат, дошол кај него на чај или кафе.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Мајчина душичка
- упатство за чај –
Се пие вудве или насамо
но не претерано често
се зоврива, по правило покриен
во земјени, бронзени или керамички
садови, дома
во таа топла и задимена чајџилница
на прекипнувањето:
преку, отаде, и пред тоа, и потоа;
потпивнувај, загревај се
додека е жежок
додека си желна
шмркај, шмукај (наши сме)
напари се
задржи го колку што можеш подолго
в уста, шлапкај со јазикот
миризливоста, сладоста
и краснописот на длапката
да ги сети-ш;
дотурај пополека, измешај го со лажичката
желба за чај – жалба за младост
секоја планина – своја падина
потсркнувај
чај – Бах
чај – Жар
чајни печива
мед и путер;
чајот не се пие од-нога
пиј кроце, голтка по голтка
г’тка по г’тка
меѓу редови.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)