Ѕидот што беше го ѕидал Симон додека таму беше Лена, се познаваше од далечината, наместа повисок, а на други места понизок, недозавршен.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Ѕид за мочање Ѕид палета Пијан ѕид Од онаа страна на ѕидот Од оваа страна на ѕидот Ѕид што зборува Ѕид што молчи Осамен ѕид Ѕид воздишка Јас ѕид Од онаа страна на ѕидот Од оваа страна на ѕидот
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Трчаше бикот кон кожарата и со таква сила удир со роговите во ѕидот што тој пукна и се свалка пред нозете, како да не беше од камен ѕидан и со години печен, туку како да е детска реденица, лефтерна сувоѕидица.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Од онаа страна на ѕидот Од оваа страна на ѕидот Ѕид на сонце Ѕид што се поместува
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Графити ѕид Ѕид што се гради Ѕид што се урива Непознат ѕид Ѕид за поклонение Ѕид ковчег Курвин ѕид Замислен ѕид Ѕид на радоста Ѕид на ужасот
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)