Македонката со колак коса врз темето не можеше да замижи пред толкава болка па и од нејзините очи потекоа солзи, како и од очите на високиот маж, а заминаа без да ги поздрави толпата, со чувство дека сите ги мразат штом се дрзнуваат да испорачуваат Македончиња како Грчиња.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Шепотеше молитва што само тој ја знае; поточно: ја измислил со зборовите на некој предок, Јаков Иконописец или Круме Арсов, или некој што живеел далеку од нив колку и тие од него: ...нас сите со млеко од иста измитарена биволица нѐ доеле, господи наш севишен, и од еден склопец нѐ демнела сиромаштијата лутица, семето да ѝ се сотре и од правот нејзин да жугне берокуќничка добрина, и исти пијавици ни се плетеле место учкур околу папокот, орли врз темето лузни ни пишувале и штркови балабани низ грчмак срцето ни го ваделе и го пресадувале на новороденчиња, пред иста земја челото на камен сме го допирале, сме биле, не било не, не ќе сме, вечнаја памјат ни ...
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)