Страв и восхит
Претпоставка:
Македонскиот крал
премногу го сакал светот
и премногу можел
и премногу претчувствувал
немал време, хронично немал
но сепак доволно
за да ги поремети
дозите предвидени за рамнотежа
на Просторот, и самиот
без смисла за умереност
- хармонијата е нешто друго, сосема
само предозирана волја, отровен концентрат
само неповторлив порив, рев по далечното
- туѓината како вечно искушение!
само силна страст по странствување
per se, дури и во јазикот
само вродена дарба
да и’ се тутне на смртта
грациозно, пагански
под здолништето
додека Оваа си игра
божем случајно
криенка-миженка
митска мижитатара
само сензибилитет за походи
општа хиперсензибилност
- просто да се спростре
врз далечниот Исток
ко полна месечина на полноќ
- просто да го освои светот
како туѓа жена
со чувство на нелагодност
а забраната стимулира
срна истрчува на пусија
во заседа, балканско дувло
империјална глутница
избришани, заташкани траги
имагинарно писмо
толку голема моќ
што се втиснала во потсвеста
за век-и-веков
жиг на восхит и страв
од повторување
од повторување
на судбината...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Токму затоа, решил да тргне во будење на сетилата. (Всушност, јас дури денес дознав дека ја изгубил смислата за рамнотежа, и дека боледувал од Мениеров синдром; мислам дека еднаш ми има речено дека цената на сознанието е да ја изгубиш рамнотежата).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Бев дури и на лекар: ми рекоа дека боледувам од Мениеров синдром, некакво трајно оштетување на внатрешното уво и центарот за рамнотежа.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Цената на сознанието беше губењето на рамнотежата, и во таа точка јас таа цена одбивав да ја платам; се грижев за рамнотежата, а не за неверството на сопругата, и тоа беше она што беше – смешно!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)