Оти секогаш сум велел: словото една рака го сочинила, ама многу очи го читаат и сите тие очи различно го читаат истото, од рака сочинето клопче, оти по разни конци врват читателите кон средето, кон изворот на текстот, кон оној кој го сочинил и кој нив ќе ги голтне – пајакот отровен, сонце црно вжарено, создател и господар на вселена мала.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Но секоја нишка што ќе ја одбереш, води кон средето, кон смртта на оној кој чита, што значи беспотребно е да се плашиш дека не одиш по вистинскиот пат во клопчето на словото, оти блаженството на смртта при читањето настапува кога ќе ја затвориш корицата од книгата што ја читаш, оти тука, во таа точка, во средето, очи во очи со пајакот вжарен, со источникот на словото завршуваш и ти, и слободен си, како никогаш, како да си мртов, како да си заспал во Бога.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Ги лепев стакленцата едно по едно, а бев тргнал од краевите на сликата кон средето, оти така ми се виде полесна оваа ука; тргнав од косата, од перчињата, кон средето, кон очите и носот, и конечно, последното парче го ставив, од устата, во самиот центар на сликата, во точката од средето, во средето на средето.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)