Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Во тој ист вторник, иако очајот и плачењето не стивнувале, жените, дури и оние самохрани леунки и трудни вдовици наполниле неколку карти со ракија од диви круши, од грозје и од цреши и натовариле на две магариња дисаги со леб и лук, па една по друга, секоја со запалена борина во рака, пошле да ги пречекаат последните од дружината; да ја плашат со оган и писок чумата или улерата, болештина што им била позната на дедовците, еднаш, којзнае кога, додека и пците бегале од злото и се јазеле по врели карпи далеку од сите човечки патила, и побеснувале, и станувале гозба на волчи свадби или се здружувале во глутница со ревење да ги заплашуваат чобаните и бачовите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Суровата игуменија Минадора рекла со скаменето лице неколку утешни зборови и го развеала манастирското знаме со извезен лик на маченикот Никита.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)