Тетка Перса нему веќе му тури чашка ракија, а на Пена лажице слатко од дуњи и чаша студена вода.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
А, се сеќавам дека престиж беше да имаш ноже специјално за правење форми од дуњата на Џорџе Балашевиќ, од „строубери“ од „Д Битлс“, од тиква од една за мене грда македонска песна, па да ги свариш во компот и задолжително да поделиш по комшиките зашто која е финтата ако теглите ги наредиш во визба во која само ти влегуваш.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Подоцна, многу подоцна, се чуло во Кукулино од некои кираџии дека се вратил оддалеку маж ѝ на Фиданка Кукникова и исекол поголема гранка од дуњата во дворот, ја исчистил од кора и ѝ ја измерил тежината со десната рака, бил висок, со светла коса и имал во торбите и дисагите што ги донел на маска секакво богатство; веднаш, со првата ноќ на неговиот втор живот во Лесново, ги спобркал сенките што се грчеле со машки воздишки околу неговата куќа сѐ додека не натерал тројца никаквеци да се напикаат во манастирот па тој таму без збор ја дигал и ја спуштал ластегарката поттикнуван од цел куп жени што дошле да ги собираат своите парталковци и да ги лекуваат дома од модрици и навреденост со толчен печен кромид во зејтин, потоа, по три или четири месеци, кога можело да се види дека прочуената убавица затруднела, попот знаел дека ќе остане без нова кошула, без нови чорапи и без куќа иако Доце Срменков му рекол дека ќе му купи нови опинци и, повторно облекувајќи ја везената кошула, отишол во некое штипско село по осамена вдовица со момченце од три години и со покуќнина што можела да се натовари на два магарешки коша, така било, селото се наполнило со доенчиња до првата протока на ракиските казани во сувите дни кога младите татковци се насмевнувале со модри усни кон Фиданкиниот маж од чија ластегарка сѐ уште накуцувал ситноглавиот Гавруш Пребонд но тој и порано со есенските 'рѓи чекорел под тешката облека со една здрвена нога од настинка и веќе се пеело, законите на Лесново или биле измислени заради дојденците или се заборавиле, и се кршел каменот по пештерите, впрочем и можело - на небото потрепетувале многу повеќе ѕвезди отколку што ги паметеле луѓето во тоа кратовско село.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
- Ушчоме, не сме јабанџии, милозливо вели жената и му подава слатко од дуњи во црвеникаво ребресто поте на долгунаест порцелански послужавник, оивичен со тенка сребреникава метална плетенка.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Нешто се тресе во водата ладна стружанка млада широкоградна камен од бубрег во бешика спадна голем ко орев го измочав падна Во Струга сакам и плажа да имам да не плаќам данок пари да зимам езеро чисто јас да благословам нелегално пастрмки со мрежа да ловам Оф леле леле либе ле Дримот ги лади јајцата две виршлата веќе одамна се свари за тебе ќе пишам на старост мемоари Донеси либе пиво од туба да заблажам душа и слатко од дуња облечи вечер свечена руба од сите ороспии да бидеш најубаа
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)