Некои од нас сонуваат
необични животни
со гриви возвратени околу вратот
со набрекнати и за кас спремни бедра
како млади гиздави девојчиња
со копита за долги копкања
суштества што ’ржат и се пенат
од милост што се топат
суштества на јаве невидени
невјавнати, на лов неоднесени
би рекол и незауздани, неоседлани
неразждребени
а не знам од каде ми навираат зборовиве
непознати како животните
и бистрооки.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Стоејќи еднаш на куќа, ја видел жената му кај ги молзе кравите и од милост на убавите телиња слегол во двор и отишол до телињата да ги помилува ѓоа; арно ама кај го знаеше син му Велко оти штркот Силјан е татко му; Велко си имал едно стапче в раце, и видело оти телињата ги милувал Силјан со клунот, та и свикало на мајка си: „Мајко мори, види го штркот ќе ги јаде со клунот телињата!“
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Сребрената жица од милост и добрина, му се завиткуваше полека околу гушата, и колку тој повеќе наоѓаше оправдување за секоја мана на луѓето, и колку полесно им проштеваше, толку жицата сѐ повеќе се засукуваше и сѐ поблизу му се стегаше околу гркланот.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)