од (предл.) - миризба (имн.)

И ноќта занесена од миризбите, светлините и маѓесните шумови мамеше со некаква спотаена, луда страст за подавање, за раскривање...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Пеперутките го облетуваат привлечени од миризбата на сапунот со кој се мие Богдан што мириса на калофер, зумбул или вратика.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Дишејќи ги така опојните мириси што избиваа од сламарицата, чувствувајќи го нивното благотворно дејство, на ум му дојде истото вакво дишење на сламата во плевната кога како дете се разболе; бегаше од болеста што го имаше приковано за креветот во собата и одеше кришум во плевната и запретувајќи ја главата во сламата и сеното, дишеше од миризбата и чувствуваше како го закрепнува.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Воздухот е презаситен од миризба на јагниња што се печат, на риби што се пржат.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Можеш ли да направиш чардак, да викнеш чалгаџии и да се опијаниш само од миризбата на цветовите? Секој цвет си има своја миризба.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И така не можеше да се помине крај неа од миризбите што шетаа низ целото маало, а да не се купи нешто.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Ќе излеземе на Гола Глава кога се коси тревата, кога има јагоди, кога е цвет до цвет, пчела до пчела, а ветерот е исткаен само од миризби...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На сите лица радост, опијанетост од убавината, од средбата, од миризбата на вкусно зготвената манџа во казаните што испарува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
До читалната имаше пушална, но Грдан ниту имаше цигари ниту пак пушеше; во библиотеката имаше и бифе, но тоа беше за оние што имаа барем ситни ако не крупни пари - од чадот на цигарите очите му се мрежеа, а од миризбите на бифето носниците му се ширеа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Се враќаме пак во собата, зачадена од цигари и од миризби на овошје.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)