Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Можеби токму сега, од онаа страна на морето, Габриел Гарсија Маркес беснее оти пак се покапал лижејќи чоколаден сладолед или го гризе остатокот од ноктот на левиот показалец оти уводникот во Камбио воопшто не е по негов вкус, а ако ги навикнеш луѓето да читаат лоши уводници ќе ги навикнеш да читаат и лоши книги, лошотилак ќе им се пикне и во мислите што значи и во животот.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Во овој темен круг со хоризонтот затворен во густиот грб на боровите мансарда сум на една починка Од ноктите ќе исцицам трошка храброст да ја поделам есенва.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)