Но животот, што почнал така, зел да одминува, се затркалале една по друга годините, а далчниот свет како да ги цедеше преку триста сита добрините, што можеше да му ги искамчи за себе со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човек од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта, по скелињата, со рамото, што му паѓало сѐ пониско од тешката копанка, што ја искачувал нагоре по тие дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден се излупувало и почнало да живее едно ново здание, секогаш наново, во бескрај.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)