Оној кој им беше водство и утеха во овие четириесет години талкање, оној што го изведе нивното избавувањето од египетското ропство, оној што имаше од бога пренесена моќ, само со допир од својот пастирски стап да ја окрвави цела, големата река Нил; оној што на моќниот фараонски Египет му донесе божји казни и несреќи, тој што по волјата божја го отвори длабокото море и на неговото дно направи пат за безбеден премин за својот народ, првиот патријарх на јудејското племе, оној од кој почнува бележењето во светите книги, тој што во деновите на талкање и глад се помоли за спас и го нарани избраниот народ според божјата благодат со мана, чудесна храна што бог ја истури од небото и, на крајот, оној што го доведе својот народ до ветената земја, а самиот не дочека да стапи во неа.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Модри од лутина, тие не ја споменуваа водата, туку нешта поврзани со меѓусебна завист и омраза - дека Сотир му купил стан на зетот в град, дека Михајло живее од наполеоните на дедо му украдени од компањони во Америка, дека Бамбо му ја дал кобилата на Бориза Штопар со мана, дека ќерка му на Бориза е вратена три месеци по мажачката сосе машината за шиење, дека Васко Бурзаноски клавал шеќер во комината за ракија, дека голем проклетилак има во сојот Куцалев, што ќе земе на заем никогаш да не врати...
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)