Да можат да говорат окнестите камени мостови префрлени преку брзите, бујни реки во Босна или седумте божји храма соѕидани со негови раце во различните краишта на Далмација - многу нешто би можеле да раскажат за копнежите на Аргировата душа во најубавите години на неговиот живот, кога беше полн со сила и полет, готов да ѕида и на самото морско дно, за да види светот што знае и што умее тој.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Малку беа спокојните години во Татковиот живот по балканската семејна одисеја, запрени засекогаш во нашата двокатна куќа со убав истурен чардак, градена според урнекот на градбите на османскиот цариградски стил, среде неколкуте такви куќи, задржани во овој град, познат во античките римски времиња како Скупи, а на крајот како Скопје, крај бујната река Вардар што се влева во блиското Средоземно Море.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)