Кога ќе ги подотвореше питите, оттаму ќе му замирисаше тестото на домашниот леб од детството што го месеше баба му и го печеше во домашната фурна двапати во неделата, а го држеше во дрвен сандак на ногалки и со дрвени шајки, покриен цело време (лебот) под цедило, ни исушен ни стврднат со денови.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Тогаш седнуваше со домарот над мангалот во кујната, кршеше од домашниот леб, сркаше од манастирскиот грав, мезеше од биеното сирење на вжарената маша, отпиваше од стомната покрстено вино и водеше најприземен разговор за тоа како не се исплатува да го држиш и да го раниш магарето зиме кога нема работа во полето, како е поарно да го пуштиш без самар во снеговите на планината да го изедат волците, а напролет да си купиш младо магаре па да му го главиш стариот самар и да си вршиш работа, оти живеачката е една, а скапа, а пак треба да се преживее, да се одживее некако.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
А сега домарот пред него гласно размислуваше дали гостинот што слика ќе остане две - три недели, или цел месец па и два, и како да си помине тој, па и домарот покрај него, само со манастирски грав, еднаш во седмицата зелник од селото, па и некое јагне ако се згоди празник, да не ги сметаме тука: домашниот леб што го месеше и го печеше невестата во селото двапати неделно, биеното сирење на маша над мангал, низите суви пиперки и солени циронки, како и бинлаците вино и ракија дарувани на манастирот од останати верници, за светците не за грешниците.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)