Од под куп секакви и ненужни нешта во ковчегот со црвени и зелени шари тој допре со истргнати прсти неголема дрвена плоча и, извлекувајќи ја со болка во половината, ја сврти кон светлоста на прозорецот.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Така создадов необична
и невообичаена сопоставеност од
портокалова, тиркизна, скерлетно пламена
и златно ореолска боја
и ги насликав женствено оние чија аура е видима
трите ангелски лица
трите посланика на искушението
и гласот дури го насликав:
'Не кревај рака врз чедото свое!'
Така сите бои со сите облици
во вид на жиг на Светиот Дух
(ни мој, ни не-мој)
ги втиснав на дрвена плоча,
пресувана стрпливо и грамотно
небаре испосник
за да опстане со силата на пречистата
мисла, оти и мислата е светлост,
и топлина, и магнетизам,
енергија - сѐ на сѐ!
и заедно, во возвишен,
а за Окото дофатлив облик,
ги склопив!“
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)