Стариот учител искрено го жалеше овој млад човек за кого што имаше слушано од другите колеги, дека често го обземало очајание и досада, но си мислеше: ќе му мине; отпрвин сите се лошо расположени, а после свикнуваат, дури по некои и го засакуваат со целата своја душа селото, штом ќе ја откријат смислата на својот свет учителски, позив.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Додека беше на специјализација (свршен пат, кој татко му го прими намуртено, што значеше дека не го одобрува), за разлика од рутинскиот дел на студиите, Миха пројави видлива заинтересираност па и загреаност, барем во однос на другите колеги што не успеале да специјализираат на хирургија или интерна па сега еве се свеле на оваа психијатрија, а можеле да се задржат и на педијатрија; така што, само по себе, при крајот на постдипломските студии, тој не само што се истакна меѓу другите туку и едниствен се кандидира да остане на катедрата како асистент.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)